11.03.10

Одбележување :  Повод роденденот на Драган Ѓаконовски- Шпато (11.03.1931) патрон на Здружението ШПАТО

 

Драган Ѓаконовски-Шпато, нашиот музички гениј, музичката легенда како што многумина со право го нарекуваат, е најкрупната и најзначајна личност за развојот на македонската забавна и џез музика.

Ѓаконовски се појавува во времето на почетоците на џезот и забавната музика кај нас, некаде во средината на 5-тата деценија на минатиот век, кога нашиот народ почнува да ја гради и слободно да ја артикулира својата современа автентична култура, тогаш кога на нашата музика и беше најпотребен. Надарен со неверојатен, генијален талент, со невиден ентузијазам, пожртвуваност и со професионализам кој се граничел со фанатизам, Драган Ѓаконовски бескомпромисно и без задршка, целосно и се давал на музиката, на својата најголема љубов како што многупати и самиот ќе каже. Без можност да  стекне формално образование за стиловите што го привлекувале од најраната младост,-џезот и забавната музика, но доволно музички писмен и наоружан со својот совршен (апсолутен) музички слух, Ѓаконовски, морал да тргне по најтешкиот пат кон откривањето на бескрајните тајни на компонирањето и особено на аранжирањето и оркестарцијата. Слушајки ги најголемите светски мајстори и “симнувајки“ ги нивните дела на нотна хартија ги откривал правилата и законитостите на тие музички жанрови,истовремено изградувајки ја на тој начин и својата творечка личност која се одликува со оригиналност, естетика, инвентивност и изведувачкото мајсторство. Слушајќи ја музиката на најголемите светски имиња Ѓаконовски си поставувал себе си, како и на неговите соработници: музичарите,оркестрите и пејачите  највисоките критериуми, од кои ретко отстапувал. Затоа, и денес, со воодушевување ги слушаме извонредните изведби на на неговите партитури од ансамблите и оркестрите со кој раководел. Ги слушаме тие стари снимки често и со доза на чудење, прашувајки се при тоа како е можно тогаш, во тоа време, со толку скромен избор на квалитетни музичари , да се достигнат толку високи професионални изведувачки рамништа.

 Драган Ѓаконовски оформил и раководел голем број оркестри,групи и ансамбли: Ритмичкиот секстет, Ритмичниот септет,  Гудачкиот ансамбл, Забавниот оркестар и Биг бендот на МРТ, како и вокалниот квартет Импулси. Напишал над 3000 илјади аранжмани и оркестрации и над 2оо забавни и џез творби. Најпознати вокални композиции му се: Лени, Зар вистина е крај, Последен ден на разделбата, Убава си како музика, Жолта есен, Молчи една долина, Глас од далечината, Те носам во себе, како и оркестарските: На игранка(неофицијално прогласена за прва македонска џез композиција), Гарача, Поздрав до оркестарот, Гермијан, Мими, Елегија за тромбон, Поздрав до А.К.Жобим,потоа музика за театарската претстава Сјајот и смртта на Хоакин Муриета, на текст од Пабло Неруда а во режија на Владимир Милчин и многу други. Добитник е на бројни професионални награди а во текот на својот живот, кој прерано го завршил на 56 годишна возраст, подучувал голем број инструменталисти, пејачи и автори кои стекнувале неформални, но исклучително вредни знаења, што самиот ги стекнал низ долгиот процес на самообразование.

Драган Ѓаконовски-Шпато за време на неговиот живот а ниту по неговата смрт,за жал, нема добиено ниту една општествена награда или признание.                                                                                            

                                                                   Ванчо Димитров      

 







 

Здружение на автори на музички дела на Република Македонија - ШПАТО
Author's music work Society of Republic of Macedonia - SPATO
Скопје, ул.Градиште бр.14 (локал 116, на кат), тел. 070401232 e-mail: shpato@shpato.mk

ж.с. 200001030821126 Стопанска банка АД - Скопје Д.Б. 4030004513879